Атанасов: Нема потреба од паника и страв поради антраксот
Нема потреба да се шири паника и да се сее страв кај граѓаните, а уште помалку да се прави сензација со антраксот. И досега во земјава болеста била регистрирана. Присутна е тука со децении, изјави денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов.
Тој на прес-конференција нагласи дека нов случај на антракс кај животните нема, а нема ни заразени луѓе. Информираше дека во селото Долно Строгомиште, општина Зајас, вкупно девет мрши од овци се уништени и нештетно отстранети, а кај уште четири угинати овци се уште се вршат анализи за потврда на болеста.
„Во земјава има 22 т.н. дистрикти во кои антраксот досега бил детектиран. И Долно Строгомиште сега спаѓа во оваа бројка од 22 области каде континурано се преземаат стандардните мерки што, меѓу другото, подразбира и задолжителна вакцинација најмалку 20 години“, рече Атанасов, но додаде дека и покрај вакцинацијата, не е исклучена можноста од појава на болеста.