ЕУ навредена од британските споредби со Советскиот Сојуз
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, денеска изјави дека изјавата на шефот на британската дипломатија, кој ја спореди ЕУ со Советскиот Сојуз е „невнимателна, колку и навредлива“.
Британскиот министер за надворешни работи Џереми Хант изјави дека ЕУ не би требало да се обидува да спречи лесно излегување на Велика Британија од Унијата, затоа што „Советскиот Сојуз бил тој кој ги спречувал луѓето да си одат“. Неговата аналогија предизвика критики од ЕУ.
„Советскиот Сојуз имаше затвори и гулази, граници и ѕидови, насилство кон граѓаните и соседите. ЕУ се залага за слобода и човекови права, напредок и мир. Живот без страв“, рече Туск.
Тој додаде дека како Полјак половина од животот го поминал под советска сфера на влијание, така што знае што зборува.