Брисел: Нема пристап до документи за наводниот словенечки „нон-пејпер“
Европскиот совет одби пристап до документи „од секаков вид и на кој било достапен јазик што се однесуваат на наводниот словенечки „нон пејпер“ и на можните словенечки иницијативи во врска со прецртувањето на границите на Западен Балкан и дискусиите на оваа тема“, потврди официјално Европскиот совет за Радио Слободна Европа.
Како што изјави Владас Кукулскис од прес-службата на Генералниот секретаријат на Европскиот совет, одлучено е да се одбие пристапот бидејќи објавувањето на таквите документи „ќе ја наруши заштитата на јавниот интерес во однос на меѓународните односи“.
РСЕ побара информации дали Советот го одбил пристапот до документи поврзани со наводниот нон-пејпер што словенечкиот премиер Јанез Јанша наводно го испратил до претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел претходно оваа година, како што објавија некои медиуми.
Кучан - Во Брисел знаат кој е автор на нон-пејперот за промена на границите
Во почетокот на јуни, австриските власти и потврдија на официјалната агенција на таа земја, АПА, дека постои документ поврзан со наводниот словенечки нон-пејпер за промена на границите на Западен Балкан.
Во април годинава, словенечкиот портал „Нецензурирано“ објави наводен неофицијален дипломатски документ „нон-пејпер“ кој, според порталот, премиерот на Словенија Јанез Јанша го испратил во Брисел.
Наводниот документ предвидува припојување на енититетот на БиХ, Република Српска, кон Србија, анексија на делови од Црна Гора и Северна Македонија со албанско мнозинство во Албанија и анексија на делот од БиХ, западна Херцеговина, кон Хрватска.
Јанез Јанша ги демантираше ваквите информации.