Лидерите од Западен Балкан на неформален состанок во Брисел
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел организира работна вечера со лидерите од Западен Балкан. На неа ќе учествува и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ кој е претседавач со ЕУ, како и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Џозеф Борел.
Со тоа за прв пат се одбележува организација на неформален состанок на највисоко еврепско ниво со лидерите на земјите од регионот. За претседателот Мичел исто така ова е прв пат да организира ваков формат на состанок со сите претставници од регионот, откако ја презема должноста шеф на ЕУ.
На вечерата се очекува да бидат присутни претседателите на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, на Косово Хашим Тачи, на Северна Македонија Стево Пендаровски, на Србија Александар Вучиќ, како и премиерот на Албанија Еди Рама и претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина Жељко Комшиќ.
Како што објаснија официјални претставници од седиштето на ЕУ, целта на организирањето на вечерата е подготовката на самитот ЕУ-Западен Балкан кој ќе биде одржан меѓу 6 и 7 мај во Загреб.
Овој неформален состанок следува по првата посета на претседателот Шарл Мишел на Албанија и Северна Македонија, земји кои чекаат да добијат зелено светло за отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ, како и по објавувањето на предлогот на Европската комисија за новата методологија во врска со процесот на проширување.
Повеќето од лидерите ќе останат и ден повеќе во Брисел за да учествуваат на донаторската конференција за Албанија, по силниот земјотрес кој ја погоди земјата во ноември минатата година.