Спасовски на средба со германскиот амбасадор Герберих
Премиерот на техничката Влада Оливер Спасовски денеска се сретна со германскиот амбасадор во земјава Томас Герберих, на која констатирале дека Северна Македонија и Германија имаат одлични билатерални односи карактеризирани со динамичен дијалог и стабилно партнерство, соопшти прес-службата на македонската Влада.
Премиерот Спасовски му се заблагодарил на Герберих за континуираната поддршка од страна на Германија, посебно во остварувањето на главните стратешки цели на Северна Македонија како членството во ЕУ и НАТО.
„Ратификацијата на Протоколот во Шпанија веќе е почната, а Владата го достави Предлог-законот за Ратификација на Северноатлантскиот договор во Собранието“, се вели во владиното соопштение.
Во него исто така се вели дека на средбата било истакнато оти вчерашната посета на еврокомесарот за соседска политика и проширување на ЕУ, Оливер Вархеји, донела умерен оптимизам за позитивна одлука на Унијата за почеток на преговорите.
Инаку Вархеји при вчерашната посета во Скопје изјави дека до самитот на Унијата во Загреб, приоритет за Северна Македонија треба да биде донесувањето на Законот за јавно обвинителство и изрази надеж оти законот ќе го донесе овој парламентарен состав.
На средбата меѓу Спасовски и Герберих било истакнато дека Владата ќе даде „дополнителни напори“ за изнаоѓање на политички решенија за клучни законски реформи, но и оти ќе се фокусира на обезбедување на фер и демократски избори.
Спасовски беше одбран за технички премиер на 3 јануари, откако најголемите политички партии на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски во октомви, се договорија предвремени парламентарни избори да бидат одржани на 12 април.
Техничката Влада се избира според таканаречениот „Пржински модел“ кој прв пат е применет за изборите во 2016 година, а кој уследи по кризата која настана, откако досегашниот премиер Зоран Заев како лидер на опозицијата во 2015 година почна со објавувањето на нелегално прислушувани материјали, по што следеа предвремени избори.