Германската министерка за одбрана во ненајавена посета на Ирак
Германската министерка за одбрана Анегрет Крамп- Каренбауер од доцна синоќа е во ненајавена посета на Ирак во чии рамки се среќава со ирачките воени лидери и покрај не докрај јасниот статус на странските војници во земјата. Нејзината посета доаѓа во период во кој Берлин се обидува да ја одржи мисијата за тренинг во Ирак.
Војниците од Германија и други земји, кои се дел од мисијата предводена од САД која му помага на официјален Багдад во борбата против Исламска држава, беа преместени од Ирак по американскиот напад во кој загина иранскиот генерал Касем Солејмани. Тој беше убиен во почетокот на месецов во близина на Багдад, на што Иран одговори со испукување ракети кон две воени бази во Ирак во кои беа сместени американски војници.
Германија се уште има околу 90 војници во Ирбил кои ги обучуваат локалните курдски сили. Курдските власти велат дека сакаат тие да останат таму. Ирачките пратеници, пак, претходно изгласаа резолуција со која и се наредува на владата да заврши присуството на странските војници во земјата.