Заев-Брнс: Организирањето фер избори, заедничка одговорност на власта и опозицијата
„Амбасадорката на САД во земјава, Кејт Брнс истакна дека Република Северна Македонија е стабилна на својот пат кон полноправно членство во НАТО и ЕУ и дека треба да продолжи посветено со реформите што се во интерес на граѓаните“, се вели во денешното соопштение од СДСМ, по средбата на лидерот на партијата Зоран Заев со американската амбасадорка.
Како што се наведува, Брнс изразила уверување дека на 12 април ќе се одржат фер, демократски и слободни избори на кои ќе се почитува изборната волја и уште еднаш ги реафирмирала ставовите дека САД остануваат силен стратешки сојузник на Република Северна Македонија.
Осврнувајќи за на процесот за организирање избори и работата на преодната влада, претседателот на партијата Зоран Заев порачал дека државата може да организира чисти, фер и демократски избори и дека верува дека тоа ќе биде случај и со предвремените избори на 12 април.
„Преодната влада беше формирана согласно политичкиот договор, законските рокови и уставните услови, без никакви проблеми. Ова е доказ дека нашиот политички и институционален систем функционира многу добро. За изборите на 12 април власта и опозицијата имаат заедничка одговорност. А посебно опозицијата имајќи предвид дека го раководат МВР како институција од исклучително значење во спроведувањето на слободни, фер, демократски и успешни избори“, посочил Заев на средбата со Брнс.