„ТНТ“ се враќа од почеток, поротничката поднесе оставка
Судењето за предметот „ТНТ“ за уривањето на комплексот „Космос“ на инвеститорот Фијат Цановски се враќа од почеток, откако Судот добил писмено барање од судијата – поротник Лилјана Ивановска Кочковска, со кое таа дава неотповиклива отставка. Во писмото од поротничката, посочи судијата Огнен Ставрев, таа наведува кога дала заклетва и кога и прекинала функцијата, како и дека има здравствени проблеми.
„До одбраната. Ако е како што тврдевте, дека вашите барања изминатите два месеца биле за целисходноста на постапката, имате шанса да ја потврдите намерата. Ако е интерес на правдата можете до утре на рочиште да ја потврдите намерата и да ја почнеме постапката одново но, да го поминеме само со читање на досегашните материјали без повторно сослушување сведоци“, рече судијата Ставрев.
Во судница денеска не беа присутни обвинетите Тони Трајковски и Елизабета Најдовска, а нивните адвокати, Јовица Страшевски и Мерџан Даути рекоа дека немале уредна покана за денешното рочиште. Со денови двајцата адвокати пишуваа отворени писма и бараа Ивановска Кочковска да се повлече оти требала да оди во пензија, а судот во тоа гледаше закани и притисоци и обид за одолговлекување на процесот. За делото обвинети се повеќе лица меѓу кои екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот градоначалник на Општина Гази Баба Тони Трајковски, додека во отсуство му се суди на поранешниот премиер Никола Груевски.