Џафери: блокадите во Собранието се во рамки на изборната кампања
Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска изјави дека „нема проблем“ со законот за поништување на лустрацијата. Блокадите во Собранието што се случуваат поради одредени законски решенија, како ова за поништување на лустрацијата, според првиот парламентарец се поради извесноста од предвремените парламентарни избори и оти тоа е се во рамки на кампања.
За можноста законот за поништување на лустрацијата да предизвика уште една блокада во Собранието и за тоа како ќе се справи со тоа тој вели дека неговиот план е Собранието да се самораспушти на 12 февруари, а до тогаш е избор на самите пратеници и пратеничките групи што и како ќе прават.
Денеска поради немање кворум и неприсуство на пратеници од ДУИ, од Демократската партија на Турците (ДПТ) и опозициската ВМРО-ДПМНЕ не започна седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, на која требаше да се разгледа Предлог-законот за поништување на лустрацијата.