Приведен бугарскиот министер за екологија
Бугарскиот министер за животна средина и води Нено Димов е приведен, соопшти бугарското Обвинителство. За бугарскиот сервис на РСЕ од Обвинителството потврдуваат дека министерот е приведен на 24 часа, без да прецизираат под кое обвинение. Димов се најде во центарот на медиумите по објавите дека тој е одговорен за кризата со вода во бугарскиот град Перник.
На 10 декември обвинителството го обвини Димов и негови соработници дека знаеле оти нема доволно вода во браната Студена во Перник, и дека негрижата за управување со имотот предизвикало штети, а се одразило и на здравјето на луѓето. Тој се сомничи дека и покрај тоа што во акумулацијата немало доволно вода дозволил искористување на водата за индустриски цели со полн капацитет, а поради тоа има рестрикции на вода за пиење во Перник.