Ердоган и Путин го пуштија во употреба гасоводот Турски поток
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин го пуштија во употреба гасоводот кој ќе отвори нова извозна рута за рускиот гас во Турција и во Европа. Путин му се придружи на Ердоган денеска во Истанбул на официјалното отворање на гасоводот Турски поток, проект кој е дел од напорите на Москва за намалување на испораките преку Украина.
Изградбата почна во мај 2017 година и чинеше речиси осум милијарди долари. Путин рече дека гасоводот се смета за знак за поврзувањето и соработката за доброто на нивните граѓани, граѓаните на Европа и на целиот свет.
Турски поток се очекува годишно да носи 31,5 милијарди кубни метри руски гас во Турција, од кои половина ќе бидат дистрибуирани понатаму до Балканот и Централна Европа, меѓу кои до Бугарија, Србија и Унгарија. На церемонијата во Истанбул присуствуваа и лидерите на Бугарија и на Србија, Бојко Борисов и Александар Вучиќ.