За СДСМ прифатливо Чулев да биде министер за внатрешни работи
СДСМ соопшти дека со предлогот за технички министер за внатрешни работи да биде Наќе Чулев , не се крши уставот .
"Со овој предлог на ВМРО ДПМНЕ не се крши Уставот, не станува збор за воено или униформирано лице, и не е под обвинение. Со тоа се исполнети условите предлогот да оди на гласање во Собранието заедно со целата преодна Влада која треба да ги спроведе изборите на 12 април" наведуваат од СДСМ.
Пред еден час опозициската ВМРО ДПМНЕ соопшти дека Наќе Чулев од Агенцијата за разузнавање е новиот предлог за министер за внатрешни работи во техничката влада.
Чулев беше директор на Агенцијата за разузнавање за време на претседателот Ѓорге Иванов. Мандатот му истече во 2017, а потоа продолжи да биде дел од професионалниот состав на агенцијата.
Претходно претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес конференција рече дека во текот на денешниот ден ќе предложи ново име кандидат за технички министер за внатрешни работи. Тој, како што најави, името ќе го обелоденел откако ќе ги заврши последните консултации со премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети, како што го обврзува Законот за влада донесен во Пржинските разговори.
Денешното усогласување за тоа кој ќе биде технички министер за внатрешни работи во владата која треба да ги спроведе изборите договорени за 12 април годинава отвора пат новата влада да биде избрана утре. До ова дојде откако актуелната влада го одби како неуставен предлогот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки кој доаѓа од АРМ да биде на чело на МВР со образложение дека Уставот предвидува со полицијата да раководи цивилно лице.