Илегалните премини на балканската рута двојно зголемени
Унгарските власти и Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) наведуваат дека во текот на 2019 година двојно е зголемен бројот на илегални гранични премини на така наречената балканска рута во однос на 2018 година.
Според порталот „Балканска безбедносна мрежа“ советникот за национална безбедност на премиерот на Унгарија, Ѓерѓ Баконди објави дека бројот на обиди за илегални премини од Балканот кон таа земја во 2019 година достигнал 13.000, што е двојно повеќе од пред една година. Будимпешта оценува и дека во Западен Балкан во моментот има околу 98.000 мигранти, што според нив е „ризик за Централна Европа“. Унгарските податоци покажуваат и промена на трендот на мигрантите во однос на државата на потекло, така што во последните години повеќето баратели на азил биле од Авганистан, Пакистан и Иран, а има зголемување и на сириските државјани.
Најголемиот мигрантски бран низ Македонија беше во 2015 година, а по неговото завршување полицијата често открива криумчари кои низ земјата ги пренесуваат мигрантите кон западна Европа.