Три жени под истрага за пожарот во зоолошката во Германија
Три жени се под истрага дека со пуштањето на хартиени балони со свеќи во нив за новогодишните празници го предизвикале пожарот во германската зоолошка градина во кој загинаа повеќе од 30 животни, соопштија властите.
Како што јавува агенцијата Асошиејтед прес се работи за мајка со нејзините две ќерки на возраст од 30 до 60 години. Жените се жители на западниот град Крефелд во кој и се случи пожарот. Тие се под истрага за подметнување пожар од небрежност за што им се заканува казна затвор од најмалку пет години. Многу Германци ја прославуваат новата година пукајќи огномет на полноќ, но хартиените свеќници се невообичаени во земјата.
Пожарот започнал на покривот во куќарката на мајмуните и се проширил брзо. Во него загинаа околу 30 животни меѓу кои пет орангутани, две горили, шимпанза и други мајмуни. Пожарникарите успеале да спасат само две шимпанза кои, како што се информира, се во добра состојба.