Граѓаните бараат мерки против загадувањето на воздухот
Под мотото „Време е за чист воздух“, граѓани денеска протестираа пред Инспекторатот на Град Скопје. Граѓаните бараат мерки кои итно ќе се спроведат. Власта ја потсетија и на старите изјави и ветувања за справување со загадувањето на воздухот. Ѝ забележуваат на власта за парите кои ги планира за справување со загадувањето проектирани во буџетот за следната година. Велат дека 1,5 милиони евра се малку во споредба со тоа колку трошат за службени патувања. На протестот немаше голема посетеност.
Претходно владата најави стратешка програма со фонд од 1,5 милиони евра за решавање на проблемот со загадениот воздух.
За загадениот воздух на прес-конференција реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од таму велат дека воздухот е сè позагаден, а најодговорните, според нив, се политичарите на власт. Од опозициската партија презентираа сет мерки за справување со загадувањето.