Предлози за намалување и укинување на патните трошоци на пратениците
Членовите на собраниската Комисија за труд и социјална политика денеска едногласно ги изгласаа измените на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, со кои се предвидува намалување на средствата за патни трошоци за 33 проценти на пратениците и другите именувани и избрани лица.
Пратеникот на ДУИ Џевад Адеми рече дека ќе бара целосно укинување на патните трошоци за сите функционери и дека пратениците со години биле на удар на новинарите како дежурни виновници. Според него потребен нов закон кој, како што рече, ќе ја симне оваа „дежурна тема“, која е „атак врз пратениците“.
Претседателот на Комисијата за труд Јован Митрески изјави дека со нивното решение ќе се намалат средствата за патни трошоци на пратениците од 30 до 20 отсто, односно за 33 проценти и оти ова е краткорочно решение.
Павле Богоевски од СДСМ ги повика сите пратенички групи да се вклучат во изнаоѓање на решение за патните трошоци, без разлика дали се од власта или од опозицијата. Тој рече дека прашањето за намалување на патните трошоци не е проблем на јавното мислење, туку на високите патни трошоци кои треба да бидат намалени.