ЕУ ја повика Белорусија да ја укине смртната казна
Европската унија остро ја критикуваше Белорусија за изречените смртни пресуди на двајца мажи, повторувајќи го својот повик до претседателот Александар Лукашенко да ја укине смртната казна.
Маја Коцијанчич - портпаролка на шефицата за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини, денеска изјави дека Судот во Минск во повторно судење на 20 јануари ги осудил на смрт Вјачаслау Сухарка и Александар Зилињау.
Двајцата во 2015 година биле обвинето за убиство на три лица и осудени на доживотен затвор. Но, во јули 2017 година Врховниот суд ја уважи жалбата на обвинителот и случајот беше испратен на повторно судење.
„Европската унија има силна и принципиелна позиција против смртната казна, која е сурова, нечовечка и деградирачка казна и прекршување на правото на живот“, рече Коцијанчич во соопштение.
ЕУ и групите за човекови права со години ја повикуваат Белорусија да се приклучи на глобалниот мораториум на смртната казна.